Коалицијата „Сите за правично судење“ во партнерство со Фондација Отворено општество-Македонија започна со имплементација на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“ во времетраење од 1 септември 2020 до 30 јуни 2021 година.
Целта на овој проект е да се зајакнат капацитетите на новинарите во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството, со што ќе се придонесе кон објективно и непристрасно информирање на јавноста како предуслов за пристапување на Р.Северна Макеоднија кон ЕУ. Воедно, со имплементација на овој проект ќе се унапреди соработката помеѓу граѓанските организации и новинарите, а исто така ќе се влијае и на подигнување на општата јавна свест за темите од областа на правосудството и нивното значење.

Досега, во периодот од ноември 2020 до февруари 2021 година беа одржани 3 тематски обуки за новинарите за теми поврзани од областа на правосудството од страна на домашни и меѓународни експерти.
Обуките поврзани со текот на кривичната постапка, надлежностите на институциите и судовите како и правата на учесниците во постапката беа одржани од страна на проф.д-р Гордана Лажетиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и правниот експерт Натали Петровска, извршна директорка во Коалицијата „Сите за правично судење“.

Обуката која што беше на тема: „Праксата на ЕСЧП во поглед на јавноста на судските постапки, медиумската слобода, јавниот интерес како и правото на фер и правично судење“ беше одржана од страна на д-р Мирјана Лазарова Трајковска, судија на Врховниот суд и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права и м-р Велимир Деловски, консултант и поранешен правник во Регистарот на Европскиот суд за човекови права.
Во периодот што следи, во рамки на овој проект ќе бидат објавени и 10 истражувачки стории од страна на новинарите на теми од областа на правосудството: „Пречките на патот до функционално правосудство“ со посебен фокус на кривичната правда.

Воедно, со цел да се придонесе кон сензибилизирање на јавноста за значењето на стандардите за фер и правично судење, а во насока и на Поглавјето 23 и промоција на вредностите на ЕУ во рамки на проектот се спроведува и онлајн кампања за запознавање на граѓаните со начинот на функционирање на Европската Унија. На следниот линк се наоѓа квизот со прашања поврзани со Европската Унија.