„Чекајќи го Годо“ е уметничка акција посветена на односот на Европската Унија кон Република Северна Македонија. Инспирацијата за оваа акција доаѓа од сличноста на состојбите во драмата „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет и евроинтеграцискиот процес на РСМ. Иако на прв поглед може да звучи несериозно, смешно и апсурдно, сепак постојат огромни сличности помеѓу двете дејствија – она во драмата на Бекет и она во државата Македонија на нејзиниот пат на евроинтеграциите.

Исто како што Владимир и Естрагон (главните ликови во драмата на Бекет) со часови и денови го чекаат Годо да дојде и да им ги разјасни дилемите и да им ги реши проблемите така и Македонија го чека почетокот на преговорите, датумот за преговори, меѓувладината конференција и што уште не и така со години, надевајќи се дека кога ЕУ ќе дојде сите проблеми ќе ни се решат со магично стапче.
Доколку подлабоко ја анализираме ситуацијата во драмата на Бекет наоѓаме и понатамошни сличности со состојбата со евроинтеграциите бидејќи Владимир и Естрагон (ликовите од „Чекајќи го Годо“) во одредени моменти воопшто и не се сигурни дали Годо им кажал дека ќе дојде, исто како што не се ни сигурни дали го чекаат на вистинското место. Подеднакво исто и ние чекајќи го датумот за преговори и постојано исполнувајќи некакви нови и нови услови, веќе не знаеме ниту што чекаме, дали и колку треба да чекаме, и дали како и ликовите од драмата на Бекет треба да размислиме да се обесиме чекајќи и дали чекаме на вистинското место.
Аналогијата на костурите всушност ја претставува аналогијата на вечното односно долгото чекање претставена во македонската урбана изрека „Чекајќи те костур се сторив“.